Мицкоски: Добро е што владејачкото мнозинство го прифати нашиот предлог

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска порача дека е добро што владејачкото мнозинство го прифатило неговиот предлог за приоритетно гласање на четирите закони за помош на стопанството и граѓаните. Иако, според него, таа поддршка е мала и до сега недоволна.

„Се покажа дека власта има мнозинство само да си го продолжи својот мандат, но не и да носи закони за граѓаните. Ова е разликата помеѓу борбата за лични интереси која ја застапуваат борците за провизии од власта, и борбата за интересите на граѓаните на чија страна ќе бидеме секогаш“, напиша на Фејсбук, Мицкоски.

Пратениците од мнозинството и опозицијата претходно успејаа да најдат решение за деблокада на законите од петтиот пакет антикризни мерки. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема да закажува нова седница со четири точки, како што бараше опозицијата, но затоа пак, од дневниот ред на тековната 36-та седница ќе бидат тргнати повеќето други точки, освен оние за законите за кои ВМРО-ДПМНЕ се понуди да обезбеди кворум.