Димитров: Одложувањето на преговорите со Македонија ѝ прави проблем на ЕУ

Илустрација - Никола Димитров, архивска фотографија

Одложувањето на стартот на преговорите со Македонија за членство во Европската унија (ЕУ) создава проблем со кредибилитетот на Унијата и тоа се рефлектира не само на нашиот случај, туку и врз целиот регион, изјави денеска македонскиот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, во обраќањето на конференцијата на тема „Како да се врати проширувањето на ЕУ на вистинскиот пат? Приоретизирање на владеењето на правото и реформите во правосудството“.

Како што соопшти денеска Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на денешната конференција, вицепремиерот Димитров посочи дека oваа година одбележуваме две декади - 20 години од склучувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу земјава и ЕУ и 16 години откако Македонија го доби кандидатскиот статус за членство во Унијата.

„Чекавме бидејќи имавме спор со нашите соседи од Атина, па го решивме. Па потоа имаше проблем со вербата во самиот процес на пристапување, па моравме да чекаме за новата методологија. Па ги следевме зборовите на Советот од јуни 2018 – патот ќе биде трасиран во јуни 2019 година. Па потоа во јуни 2019 беше кажано дека ќе се вратиме на ова прашање во октомври 2019 година – за конечно во март минатата година – на почетокот на оваа ужасна пандемија со КОВИД-19, да добиеме зелено светло, но овојпат ЕУ не може да ја исполни сопствената одлука, иако во нашиот случај таа беше безусловна. Очигледно постои проблем со кредибилитетот на Европската Унија и мислам дека ова се рефлектира не само на нашиот случај, туку врз целиот регион“, рече Димитров.

Инаку денеска Европскиот парламент дебатираше за Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ и за амандманот кој завчера го поднесоа неколкумина европратеници во кој се бара „бугарските власти да престанат со провокативни изјави кон Северна Македонија и во исто време се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на Северна Македонија на нападите од страна на Бугарија“.