Вархеји се надева на меѓувладина седница со Македонија до 1 јули, ама мора и реформи

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји

Еврокомесарот за проширување на Европската унија (ЕУ), Оливер Вархеји, во обраќањето пред европратениците на почетокот на денешната дебата за годишните извештаи за напредокот за земјите од Западен Балкан, изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули. Вархеји рече дека Извештајот за наредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ на известувачот Илхан Ќучук се совпаѓа со наодите на Европската Комисија (ЕК), јави МИА од Брисел.

„Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни. Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ“, изјави Вархеји.

Тој оцени дека, сепак, Северна Македонија има уште „многу работа“ во делот на реформите.

Видете и ова: Штрик: Не гледаме деструкција од Македонија, туку загадувачки процес од Бугарија


За денешната дебата за Извештајот, неколку пратенички групи поднесоа посебен Амандман на извештајот за земјава за поддршка за конструктивниот однос на Северна Македонија и „критики за провокативните изјави на Софија“. Тоа предизвика бурни реакции меѓу бугарските политичари во Софија и повици до бугарските европратеници да не гласаат за тој амандман.

Една од потписничките на амандамнот, европратеничката Тања Фајон, на дебатата за Извештајот оцени дека „бугарското вето за преговорите со Северна Македонија е неодговорно“ и порача дека „едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во ЕУ“.

„Бугарија треба да ги повлече своето вето, затоа што кризата што ќе ја предизвика бугарското вето ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот“, рече Фајон.

Известувачот за Северна Македонија и автор на извештајот, бугарскиот европартеник Илхан Ќучук, пред почетокот на дебатата порача дека е важно Северна Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог и да постигнат компромис за Акцискиот план, кој редовно ќе се проценува врз основа на Договорот за пријателство и на овој начин „ќе може да се рестартира европскиот процес за Северна Македонија“ и ќе и се овозможи на ЕУ да ја свика првата меѓувладина конференција.

„Дополнителни одложувања ќе ја загрозат објективноста на процесот на зачленување, треба да се фокусираме на големата слика, потребно ни е да градиме мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат“, изјави Ќучук.