ВМРО-ДПМНЕ: Заедно ќе го изгласаме 5-от сет мерки, закажете седница

Илустрација - Фотографија од македонскиот Парламент

Координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека неговата пратеничка група е подготвена да присуствува на седница и да дискутира и да го изгласа петтиот сет економски мерки за справување со економските последици од ковид пандемијата.

„Граѓаните, компаниите и стопанството немаат време за чекање. Економијата нема време за политиканство. Помошта е потребна веднаш. Од тие причини како пратеничка група на ВРМО-ДПМНЕ бараме владеачката коалиција веднаш да закаже пленарна седница, каде заедно ќе ги дискутираме и изгласаме петиот сет на економски мерки“, рече Мицевски на денешната прес-конференција.

Работата на Собранието по оваа точка деновиве е блокирано. Владејачкото мнозинство во Собранието во моментот има 62-јца пратеници, а двајца од нив беа позитивни на Ковид-19. Поради тоа мнозинството не може да обезбеди кворум за работа и да се гласа за одредени закони, доколку опозицијата не присуствува на седниците. Дополнително, пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива со над 32.000 амандмани блокираат 20 закони, меѓу кои и одлуката за продолжување на кризната состојба со околу 400 амандмани, поради неподдршката за нивниот Закон за државјанства.

Видете и ова: Владејачките партии во обид да го деблокираат Собранието

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ завчера побара посебна седница за антикризните закони и одлуката за продолжување на кризната состојба на северната и јужната граница, но тоа за претседателот на Собранието Џафери е неприфатливо и „поставување ултиматуми“ и тој остана на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање.

За денеска се планира средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ги разгледаат можностите за одблокирање на Собранието.