Лидерот на опозицијата во Белорусија, Светлана Циханускаја, ги повика граѓаните денеска да почнат нов бран протести против Александар Лукашенко, на денот кога се одбележува годишнината од Белоруската Народна Република. Таа побара од Белорусите да ја искористат годишната прослава на Денот на слободата за да одржат улични митинзи против авторитарниот лидер во Минск и другите белоруски градови и да го покажат своето единство против политичката криза во Белорусија.
„Белорусите веќе го слават Денот на слободата“, рече Циханускаја во твит кој покажува видео со огномет во црвена и бела боја, кои се бои на опозицијата.
Меѓутоа, настанот во Минск се соочува со предизвици. Претставници на опозицијата предупредија дека полицијата одбила да ја осигура безбедноста, повикувајќи се на рестрикциите поради пандемијата на коронавирусот.
Амнести Интернешнл предупреди дека белоруските власти навестиле оти се подготвени да ги претворат митинзите на Денот на слободата во „уште една сцена на ужасно насилство“.
Денеска се одбележува 103-годишнината од Белоруската Народна Република, која постоеше помалку од една година во 1918 година.