ДЗС - Расте интересот за самопопишување на дијаспората

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Бројката на самопопишани утрово изнесуваше 137.111 лица, што претставува зголемување од 7.102 во текот на еден ден, соопшти владината прес-служба. Инаку, во тек е самопопишувањето на дијаспората кое започна на 1-ви март, а ќе заврши на 21-ви април.

Државниот завод за статистика и Агенцијата за иселеништво се задоволни од досегашниот одзив и очекуваат зголемување на бројката, како што соопштија директорите на двете институции Апостол Симовски и Слободна Близнаковски. Тие апелираа сите чинители во општеството да се приклучат на повикот кон дијаспората и да ја искористи можноста да се попише во „што поголем број.“

Во соопштение на институциите се наведува дека се тие се во редовна комуникација со дијаспората и дека се достапни за одговори на сите нивни прашања. Двајцата директори укажуваат на важноста од попишувањето на македонските државјани кои подолго од една година живеат во странство.

„На тој начин тие имаат можност да се впишат во базата на нерезидентно население, а овие податоци на државата и се потребни за соодветно планирање и подобрување на услугите кои дипломатско-конзуларните претставништва ги нудат, како и за подобрување на политиките внатре во државата“, се цели во соопштението.

Опозицијата денеска уште еднаш побара одложување на пописот, посочувајќи дека здравјето на граѓаните не смее да биде заложник, како и дека голем број држави кои сакале да организираат пописи - ги откажале поради пандемијата, како што наведе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.