Државната дума го одобри законот кој овозможува реизбор на Путин

Илустрација - Државната дума - Долниот дом на Рускиот парламент.

Долниот дом на Рускиот парламент, Државната дума, го одобри третото и последно читање на нацрт-законот за усогласување на изборните закони со неодамнешните измени на уставот, кои меѓу другото овозможуваат можност претседателот Владимир Путин да остане на власт до 2036 година.

Предлог-законот одобрен на 24 март, треба да биде одобрен од Горниот дом на Парламентот, Советот на Федерацијата, како и да добие потпис од Путин.

Уставните измени иницирани во јануари 2020 година од 68-годишниот Путин кој ја води земјата како премиер или претседател од крајот на 1999 година, беа одобрени во март 2020 година од Државната дума. Една клаузула во амандманите го ресетираше ограничувањето на манндатот на Путин на нула. Со тоа му е дозволено да побара реизбор кога неговиот тековен мандат ќе истече во 2024 година, и доколку тој сака повторно во 2030 година.

Според сегашните изборни закони, на претседателот му е забрането да бара трет последователен шестгодишен мандат.

Контроверзните амандмани што беа конечно усвоени преку референдумот на национално ниво минатото лето, предизвикаа протести во Москва.

Според резултатите од анкетата на независната групација „Левада-центар“ минатиот месец, 41 процент од Русите не сакаат Путин да остане на власт откако ќе му истече сегашниот мандат во 2024 година.