Државниот секретар на САД Ентони Блинкен му порача на својот германски колега Хајко Мас дека американските санкции против гасоводот „Северен поток 2“ се реална можност.
Зборувајќи во Брисел на 24 март по приватните разговори со Мас претходниот ден, Блинкен ја повтори загриженоста на американскиот претседател Џо Бајден за гасоводот од Русија до Германија. Тој рече дека му рекол на Мас дека компаниите вклучени во проектот ризикуваат американски санкции.
Американски официјални лица тврдат дека гасоводот, преку кој треба да бидат транспортирани 55 милијарди кубни метри природен гас годишно директно од Русија до Германија преку Балтичкото Море, ќе ја направи Европа премногу зависна од руските резерви на енергија. Исто така, ќе ја заобиколи Украина која е западен сојузник, потенцијално лишувајќи ја од вредните транзитни такси.
Бликен одби да даде повеќе детали за неговиот состанок со Мас, но рече дека Соединетите држави внимателно ја следат изградбата на гасоводот под Балтичко Море, којшто е околу 95 проценти завршен и според експертите може да биде готов до септември.
Германија се залага за завршување на гасоводот и покрај постојаното спротивставување на САД.
Досега, Вашингтон воведува санкции само против руската компанија КВТ-РУС, која управува со пловниот објект за поставување цевки Фортуна. Овие мерки беа објавени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп непосредно пред крајот на неговиот мандат во јануари.
Блинкен минатата недела гасоводот го нарече „руски геополитички проект наменет да ја подели Европа и да ја ослаби европската енергетска безбедност“.
Поддржувачите на гасоводот веќе долго време ги обвинуваат Соединетите Држави дека го минираат проектот со цел да се зголеми продажбата на нивниот течен гас во Европа.