Во Италија пронајдени 29 милиони дози АстраЗенека вакцини

Илустрација

Околу 29 милиони дози вакцина АстраЗенека се пронајдени за време на инспекција на фабриката во Италија, изјави француски официјален претставник, пренесува Ројтерс. Сè уште се потребни проверки дали станува збор за вакцини наменети за извоз.

Веста за „скриените“ дози на „АстраЗенека“ пронајдена во близина на Рим, прв ја објави италијанскиот весник „Ла Стампа“, во кој се наведува дека дозите биле пронајдени при проверка на италијанските власти по барање на Европската комисија.

„Инспекцијата се случи за време на викендот во фабриката „Анања“ и беа откриени 29 милиони дози вакцини. Дестинацијата на овие дози сè уште не е позната“, рече официјален претставник на француското претседателство, истакнувајќи дека доколку дозите се наменети за извоз, тоа може да биде блокирано.

Италијански официјален претставник ја потврди инспекцијата и рече дека дозите требало да бидат испратени во Белгија. Во првиот квартал, Европската унија доби околу 30 милиони дози вакцина АстраЗенека, наместо 90 милиони планирани. Европската комисија одби да ги коментира пронајдените дози. Портпарол на АстраЗенека исто така не одговори на прашањата на Ројтерс.