Аларм од ОН: 34 милиони луѓе во светот се на работ на глад

Илустрација

Обединетите нации (ОН) предупредија дека во повеќе од 20 земји во светот ќе завладее глад во следните неколку месеци. Бројни семејства веќе гладуваат во делови на Јемен и Јужен Судан, се наведува во извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на ОН. Во извештајот се вели дека околу 34 милиони луѓе се борат со недостиг на храна и се на работ на глад.

Според извештајот, гладот е предизвикан од воените конфликти, климатските промени и пандемијата на коронавирусот, а во некои земји од временски непогоди и пустински бури.

„Нивото на страдање е алармантно. На сите ни останува да дејствуваме брзо и да спасиме животи“, порача Ку Донгју, генерален директор на Организацијата на ОН за храна и земјоделство.

Северна Нигерија, Јемен и Јужен Судан се меѓу земјите кои се соочуваат со „катастрофа” поради недостиг на храна, се вели во извештајот на организацијата. Најзагрозени се земјите во Африка, а глад им се заканува и на Авганистан, Сирија, Либан, Хаити и некои земји од Карибите.