ЕП утре ќе гласа за Извештајот за Македонија и амандманот за „провокативното однесување на Бугарија“

Илустрација

Европскиот парламент (ЕП) утре ќе расправа и гласа за годишниот Извештај за Македонија, кон кој групите на Зелените и Социјалистите доставија предлози за измени и дополнувања, кои се однесуваат на „непримерно и провокативно однесување на бугарските власти кон Македонија“. Во амандманот, претставници на бугарската Влада „се обвинети за провокативни изјави за историски прашања кои ја засегаат Северна Македонија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија“, јави МИА.

Предлогот го дадоа четворица европратеници од групата на Социјалистите и Зелените: Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска), а во амандманот стои дека „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската Влада за историски прашања што ја засегаат Северна Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“. Воедно, со вториот амандман се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Северна Македонија на овие провокации.

Бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите предложени од Социјалистите и Зелените во Извештајот за напредокот на Северна Македонија, кои, како што оценуваат, содржат квалификации неприфатливи за Бугарија.

Иако се само од консултативна природа, извештаите за напредокот на ЕП за земјите кандидати го одразуваат располжението на различните политички сили во Европскиот Парламент, пренесе МИА.