Повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според Кривичниот Законик (КЗ) - Организирање на отпор Член 387, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски, на заедничка прес-конференција со неговиот колега Муамет Хоџа и со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика. Тој додаде дека, според КЗ, санкциите можат да бидат парични, но и со затворска казна од една до пет години.
„Кривичниот Законик, Организирање на отпор Член 387 вели: Тој што ќе организира други форми на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години“, го цитираше Арсовски Кривичниот законик.
Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика ги отфрли забелешките дека „кампањата за учество на пописот е насочена кон една етничка заедница“. Околу одзивот на пописот таа соопшти дека почнале да растат и бројките во САД, Канада и Австралија, покрај тие во Швајцарија, Германија и Италија, а се појавуваат и други земји во светот. Според последните податоци, во САД се самопопишале досега 5.110 иселеници, во Австралија 1.682, а во Канада 1.215 лица, додека во Швајцарија бројката надмина 40.000.
Претходно и од владеачкиот СДСМ предупредија дека повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело и побараа ВМРО-ДПМНЕ и Левица да „престанат да повикуваат да не се одржи пописот.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ собираше граѓански потписи кои според нив се доволни за поништување на Законот за попис, а последните неколку дена бара одложување на пописот со образложение дека „граѓаните се изложуваат на опасност од ковид-19 и дека власта сака да спроведе политичка, а не статистичка операција“.