Министрите за надворешни работи на НАТО ветија дека Алијансата ќе продолжи да се прилагодува соочувајќи се со „зголемените закани и системска конкуренција“ и подвлекоа дека „агресивните активности на Русија претставуваат закана за евро-атлантската безбедност“.
„Наметливите и авторитарни сили го оспоруваат меѓународниот поредок заснован на правила, вклучувајќи и хибридни и сајбер закани, злонамерна употреба на нови технологии, како и други асиметрични закани“, се вели во заедничката изјава на министрите по првиот ден од разговорите во Брисел.
Претходно, американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој присуствува на дводневниот собир на НАТО, првиот директен состанок на министрите за надворешни работи на западниот безбедносен сојуз од 2019 година, рече дека воениот подем на Кина и обидите на Русија за дестабилизирање на Западот беа закани што налагаа НАТО да се обедини.
Во својата изјава, министрите на НАТО ја потврдија „трајната трансатлантска врска меѓу Европа и Северна Америка, со НАТО во нејзиното срце“ - по четири години сомнеж и загриженост кај некои сојузници под претходната американска администрација на претседателот Доналд Трамп, кој често критикуваше некои сојузници за неуспехот да го платат својот дел од одбранбениот товар.
Министрите исто така се обврзаа на членот 5 од основачкиот договор на НАТО, според кој напад против еден сојузник ќе се смета за напад против сите нив.