Излезните анкети покажуваат дека нема јасен победник на вчерашните парламентарни избори во Израел, четврти во последните две години, со што се зголемуваат шансите за продолжена политичка парализа и долги разговори за формирање влада.
Анкетите на трите најголеми ТВ станици покажуваат дека Бенјамин Нетанјаху, кој се обидува да го продолжи 12-годишното владеење како премиер, заедно со неговите религиозни и националистички сојузници, ќе имаат 53 до 54 места во 120-члениот парламент.
Неговите противници, според анкетите, би имале 59 пратеници, а партијата Јамина 7 до 8 места во Кнесетот.
Ако финалните резултати се слични со предвидувањата, тогаш за формирање влада ќе биде неопходна соработка со лидерот на Јамина, Нафтали Бенет, кој пред изборите рече дека ќе соработува со победникот ако нему му биде понудена функцијата премиер.
Последните три избори, кои доведоа до тешки коалициски разговори, како и нејасниот исход на последното гласање, две недели пред судењето на Нетанјаху за мито и обвиненија за корупција, што тој ги негира, може да доведат до петти по ред избори, што е преседан во израелската историја.