Владата на вчерашната седница го разгледа и прифати текстот на усогласениот договор за изградба на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција- Северна Македонија и го овласти министерот за економија Крешник Бектеши да го потпише овој договор со Владата на Република Грција.
Како што посочуваат од владината прес-служба, со овој договор за заедничка изградба на интерконекторот со Грција ќе се овозможи гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа со цел унапредување на диверзитетот и конкурентноста на снабдувањето со природен гас и обезбедување на сигурноста во снабдувањето на регионот.
„Овие цели ќе се обезбедат и по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, како и преку обезбедување на потребните количества на природен гас за сите потрошувачи во регионот на Централна и на Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија“, велат од Владата.