За Москва шпионскиот скандал во Бугарија е „лов на вештерки“

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Мариа Захарова

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Мариа Захарова денеска побара од Бугарија, како што рече, да запре со „ловот на вештерки“ кој како што рече и нанесува штета на самата Бугарија.

Истовремено, новоименуваната амбасадорка на Русија во Софија Елеонора Митрофанова се сретна со бугарскиот премиер Бојко Борисов, откако претходно во интервју за бугарски медиуми побара од државата „да запрела со шоуто“.

Ова следува откако источниот сосед деновиве го тресе шпионски скандал. Минатата недела беа уапсени пет поранешни и сегашни високи воени и службени лица под сомнение дека давале класифицирани информации на Русија. Две лица од руската Амбасада во Софија пак беа прогласени за персона-нон-грата и треба да ја напуштат Бугарија.