Кина и Русија покажаа заедништво наспроти санкциите од Запад

Сергеј Лавров и Ванг Ји на средба во Кина, 22 март 2021

Министрите за надворешни работи на Кина и Русија се состанаа за да покажат единство и повикаа на самит на постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во услови на западни санкции против двете земји за кршење на човековите права и политички несогласувања, објави Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Ванг Ји и Сергеј Лавров ги отфрлија критиките на Западот на заедничката прес-конференција во Пекинг на 23 март. Лавров во таа прилика рече дека Русија и Кина гледаат дека САД се обидуваат да се потпрат на воените и политичките сојузници од ерата на Студената војна во обид да го уништат меѓународниот правен поредок. Во заедничката изјава, Лавров и Ванг повторно го отфрлија, како што го нарекоа, странското мешање во нивните внатрешни работи.

„Неопходно е да се почитуваат легитимните права на суверените држави за самостојно да се утврди нивниот развојен пат.

„Мешањето во внатрешните работи на суверените држави под изговор на унапредување на демократијата е неприфатливо“, се вели во заедничкото соопштение.

Ванг остро ги критикуваше координираните санкции на Европската унија (ЕУ), Велика Британија, Канада и САД против кинеските власти за кршење на човековите права во кинескиот западен регион Синџијанг, чија цел е муслиманското малцинство од етнички Ујгури.

Санкциите на ЕУ воведени за Кина се слични на законот на Магнитски, американски закон кој ѝ дава на американската влада моќ да ги санкционира оние за кои смета дека ги кршат човековите права со замрзнување на нивниот имот и блокирање на влезот во Соединетите држави.

Двајцата министри за надворешни работи, исто така, повикаа на самит на постојаните членки на Советот за безбедност на ООН.