Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека гасоводот „Северен поток 2“, што се гради од Русија кон Германија, е против сопствените интереси на Европската унија (ЕУ) и го предупреди Берлин за можни санкции во врска со проектот, јавија агенциите АФП и Ројтерс.
„Претседателот Џо Бајден беше многу јасен, тој верува дека гасоводот е лоша идеја, лош за Европа, лош за САД, на крајот е во спротивност со безбедносните цели на ЕУ“, рече Блинкен на 23 март кога се состана со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел.
Германија се залага за завршување на гасоводот и покрај постојаното спротивставување на САД повеќе од една деценија. Американски официјални лица тврдат дека гасоводот, наменет за транспорт на 55 милијарди кубни метри природен гас годишно директно од Русија до Германија преку Балтичкото Море, ќе ја направи Европа премногу зависна од руските залихи на енергија. Исто така, ќе ја заобиколи Украина, западен сојузник, потенцијално лишувајќи ја од вредните транзитни такси, пренесуваат новинските агенции.
Блинкен спомена американски закон според кој САД треба да воведат санкции за компаниите кои учествуваат во проектот „Северен поток 2“, за кој рече дека „има потенцијал да ги поткопа интересите на Украина, Полска и голем број блиски партнери и сојузници“.
Блинкен рече дека ќе го предупреди својот германски колега Хаико Маас за можни санкции на нивната прва средба лице в лице на 23 март. Досега, Вашингтон воведе санкции против руската компанија КВТ-РУС, која управува со пловниот објект за поставување цевки Фортуна. Овие мерки ги објави администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп непосредно пред крајот на мандатот во јануари.
Блинкен минатата недела го осуди гасоводот како „руски геополитички проект наменет да ја подели Европа и да ја ослаби европската енергетска безбедност“. Гасоводот веќе е завршен околу 95 проценти и според експертите може да заврши до септември. Поддржувачите на гасоводот веќе долго време ги обвинуваат Соединетите Држави дека го минираат проектот со цел да се зголеми продажбата на нивниот течен гас во Европа.