Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска уште еднаш побара одложување на пописот веднаш, посочувајќи дека здравјето на граѓаните не смее да биде заложник, како и дека голем број држави кои сакале да организираат пописи - ги откажале поради пандемијата.
„Најкриминалната влада на Балканот, а истовремено и најнеспособната да обезбеди имунизација на населението нѐ убедува дека нема одложување на пописот, обезбедени биле најбезбедни протоколи. А во меѓувреме, соседна Србија која е рекордер во имунизирано население на Балканот, соседна Бугарија, Романија, Косово го одложуваат пописот поради загриженост од енормно ширење на пандемијата“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Видете и ова: Пописот пред врата, ќе отворат ли граѓаните?
Тој директно им се обраќа на премиерот Зоран Заев и на министерот за здравство, Венко Филипче, дека „пописот мора веднаш да се одложи оти тие ќе одговараат“.
Пред неколку дена претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, рече дека тие направиле протоколи за безбеден попис, а дали ќе има попис е политичка одлука. Вчера од Владата рекоа дека се е направено за безбеден попис и дека то ќе биде спроведен.