Денеска во Брисел ќе биде одржан редовниот состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии, на кој ќе учествува и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР), ова е прв состанок на Советот што ќе се одржи со физичко присуство во седиштето на НАТО, по пауза од една година поради пандемијата со Ковид-19.
Дискусијата на состанокот е предвидено да вклучи прашања од приоритетен интерес за НАТО, како што се состојбите во Авганистан, влијанието на глобалните геостратешки односи врз безбедноста на евро-атлантската област, како и пошироката регионална стабилност, соопшти Министерството за надворешни работи.
Министерот Османи ќе биде прв политички претставник од Република Северна Македонија кој физички ќе присуствува на состанок на Северно-атлантскиот совет од зачленувањето на нашата земја во НАТО, во март минатата година, што ќе биде искористено да има и неколку билатерални средби со министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО и партнери, истакнаа од МНР.