Собранието на Косово со 67 гласа „за“, 30 „против“ и ниеден воздржан го изгласа синоќа лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти за нов премиер и го усвои неговиот предлог за состав на новата Влада на Косово.
Кабинетот на Курти го соинуваат 18 членови, од кои тројца вицепремиери. Осуммина од нив, како што објави Курти, се членови на неговата партија, ВВ, која извојува убедлива победа на вонредните парламентарни избори, одржани на 14 февруари, со освоени – заедно со листата „Осмели се“ на досегашната собраниска спикерка и вршителка на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи – 50,27 отсто од гласовите и 58 места во 120-членото Собрание на Косово. Новиот премиер нагласи и дека една третина од членовите на неговата Влада се жени, а две од нив вицепремиерки.
Во своето обраќање по повод изборот за премиер, Курти ги изложи приоритетите во развојот на економијата, борбата против невработеноста, борбата против пандемијата на Ковид-19, развојот на човековите права, јакнење на безбедноста на државата и на човековите права на сите граѓани без оглед на нивната припадност. Посебно ќе се залага за подигнување на квалитетот на образованието и за поголема социјална правда.
Во однос на наворешната политика, Курти најави јакнење на врските со земјите сојузнички, пред се со Албанија и Соединетите Американски Држави, како и јакнење на заложбите за зачленување во НАТО и Европската Унија. Курти порача дека неговата влада ќе се залага за добри односи со соседните држави, додека од Србија очекува да се соочи со своите злосторства во Косово и најави дека ќе бара обесштетување за економските, финансиските и другите штети од војната и пред неа.
По изгласувањето на Владата, за време на првото обраќање на Курти како нов косовски премиер, опозициските пратеници ја напуштија собраниската сала.