Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел му рече на рускиот претседател Владимир Путин дека односите меѓу Европската унија и Русија се „на ниско ниво“ со несогласувања во „многу области“, за кои рускиот лидер пак ги обвини „политиките на конфронтација“ на ЕУ.
Мишел и Путин разговараа телефонски денеска откако ЕУ воведе санкции за двајца чеченски функционери поради кршење на правата во рускиот регион Чеченија во Северен Кавказ и пред видео-конференцијата на лидерите на ЕУ од 25-26 март, за релациите ЕУ-Русија.
„Претседателот Мишел изрази став дека односите ЕУ-Русија се на ниско ниво и го потврди пристапот на ЕУ кон петте водечки принципи, засновани на основните вредности на ЕУ“, се вели во соопштението на Европскиот совет, во кое се признава дека во моментов има „несогласувања во многу области “. Во него се вели дека односите меѓу ЕУ и Русија „можат да добијат поинаква насока само ако има постојан напредок во прашањата како што е спроведувањето на договорите од Минск“, чија цел е да се стави крај на конфликтот во источна Украина, како и „запирање на хибридните и сајбер-напади“ врз земјите-членки на ЕУ и „почитување на човековите права“.
Борел - Русија се движи по авторитарен пат
Според изјавата на Кремаљ, Путин „дал оценка за незадоволителна состојба на релациите Русија-ЕУ, како резултат на неконструктивната, често конфронтирачка политика на европските партнери“. Рускиот лидер истакнал дека Русија е подготвена да „продолжи со нормалните деполитизирани“ врски со ЕУ ако во Брисел има волја да го сторат тоа.