Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно

Владиниот портпарол Душко Арсовски

Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска на заедничката прес-конференција со портпаролот на Владата Душко информираше дека во последното деноноќие се попишани повеќе од 20 илјади граѓани, државјани на Република Северна Македонија кои живеат и престојуваат во странство, со што вкупната бројка на оние кои се самопопишале до утринава во 9 часот е 121.580 лица.

Според Ѓоргиева ова нагло зголемување се должи на викендот и дополни дека кампањата што се води во странство ги дава резултатите.

" Податоците што се даваат се безбедни и максимално заштитени и ќе се користат исклучиво како податоци само за статистички цели", нагласи Ѓоргиева.

Таа информира дека главниот попис во земјава ќе почне на 1 април, а викендов заврши последниот дополнителен конкурс за попишувачи, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што требало во одредени пописни реони и нагласи дека се задоволни од одзивот.

До денеска 121.520 попишани во странство, ВМРО-ДПМНЕ бара стопирање

Портпаролот на Владата Душко Арсовски дополни дека пописот е од витално значење за државата за понатаму да може да се прават стратегии за развој.

"Правиме се што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси", нагласи Арсовски.

Тој информира дека се ангажирани голем број координатори и попишувачи, кои ги следат протоколите за да нема потреба од никакви одложувања.

Арсовски кажа дека учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, а против тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, за што казните се до 300 евра.