Џафери контра ВМРО-ДПМНЕ : Не прифаќам ултиматум за посебна седница

Талат Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната прес-конференција ја обвини опозицијата дека „ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на Ковид-19, и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати“.

Оваа негова изјава следува, како што објасни Џафери, по барањето од координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, „на седницата да се разгледуваат само опциите за продолжување на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за Ковид-19, а не и другите 26“. Џафери не го прифатил тој предлог и рече дека ќе почека до четврток, кога очекува еден од пратениците да излезе од изолација поради Ковид-19.

Џафери на прес-конференцијата, што ја свика по прекинување на средбата со координаторите на пратеничките групи, рече дека двајца пратеници од мнозинството од здравствени причини се спречени да учествуваат на утрешната 36. седница, поради што го поставил прашањето за кворумот.

Видете и ова: Неефикасно собрание, вовед во нова политичка криза

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, претходно, ги обвини СДСМ и ДУИ за опструкција на работата на Собранието.

„Откако стана јасно дека парламентарното мнозинство нема 61 пратеник, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска даде предлог да се закаже посебна седница на која што ќе бидат разгледани законите поврзани со финансиските мерки од аспект на пандемијата и законите од овој петти пакет мерки да поминат, но сепак овој предлог не беше прифатен“, изјави на прес-конференција, шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и додаде дека „е очигледно оти блокадата на законите всушност доаѓа од СДСМ и ДУИ“.