Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска во Кабул се сретна со авганистанскиот претседател Ашраф Гани за време на неговата ненајавена посета, која се одвива месец дена пред истекот на рокот за повлекување на американските сили од земјата. По разговорите со Гани, Остин одби да го коментира крајниот рок.
„Тоа е доменот на мојот шеф. Тоа е одлуката што претседателот ќе ја донесе во одреден момент во однос на тоа како сака да пристапи на прашањето понатаму“, рече Остин.
Претседателот на САД, Џо Бајден минатата недела во телевизиско интервју изјави дека ќе биде „тешко“ Вашингтон да го испочитува рокот од 1 мај за повлекување на војници од Авганистан, кој е крајниот рок утврден во договорот меѓу администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп и талибанците. Бајден рече дека дури и да се продолжи рокот, тоа нема да биде за многу подолго.
Талибанците на 19 март предупредија на последици доколку Вашингтон не го испочитува крајниот рок. Сухаил Шахин, член на талибанскиот преговарачки тим изјави дека ако американските трупи останат и по 1 мај „тоа ќе биде еден вид кршење на договорот. Таа повреда не би била од наша страна. . . Нивното кршење ќе има реакција “.
Авганистанската влада ги обвинува талибанците дека премалку сториле за да го запрат насилството од почетокот на разговорите во Катар.