Турција се повлече од Европскиот договор за заштита на жените од насилство што прва го потпиша пред 10 години и го носи името на нејзиниот најголем град. Указот на претседателот Реџеп Таип Ердоган со кој се поништува ратификувањето на Истанбулската конвенција е удар врз поборниците за правата на жените, кои велат дека договорот е клучен за борба против семејното насилство.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, ја нарече одлуката поразителна. Истанбулската конвенција наведува дека мажите и жените имаат еднакви права и ги обврзува државните органи да преземат чекори за да спречат родово насилство врз жените, да ги заштитат жртвите и да ги гонат сторителите.
Некои официјални лица од партијата насочена кон исламот на Ердоган се залагаа за преиспитување на договорот, тврдејќи дека тој го охрабрува разводот и го поткопува традиционалното семејство, за кои велат дека се спротивни на конзервативните вредности на земјата. Критичарите исто така тврдат дека договорот ја промовира хомосексуалноста преку употреба на категории како пол, сексуална ориентација и родов идентитет. Тие сметаат дека тоа претставува закана за турските семејства.
Насилството врз и убиството на жени е во пораст во Турција, според групите за човекови права. Вкупно 77 жени се убиени од почетокот на годината, според платформата „Ние ќе ги спореме фемицидите“, а најмалку 409 жени биле убиени во 2020 година.
Турскиот министер за семејство, труд и социјална политика објави на Твитер дека правата на жените сè уште се заштитени со турските закони и судскиот систем е доволно динамичен и силен за да донесе нови регулативи.