Владата тврди дека пописот ќе биде безбеден, опозицијата бара одложување

Илустрација - Државен завод за статистика. Пописот ќе се спроведува од 1 до 21 април годинава.

Државниот завод за статистика (ДЗС) ќе го има потребниот број на попишувачи и до 1 април ќе може да ги започне пописните активности со полн капацитет, изјави Јасмина Георгиева од ДЗС.

Коментарите доаѓаат во услови кога е распишан трет дополнителен јавен конкурс за ангажирање на лица кои ќе учествуваат во спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите. Заинтересираните кандидати треба да се пријават до 20 март 2021 година.

Пописот ќе се спроведува од 1 до 21 април годинава, процес кои наидува на критики од страна на опозицијата која смета дека попишувањето ќе биде закана за здравјето на граѓаните поради епидемијата на Ковид-19.

„Третиот дополнителен повик за попишувачи е во тек, задоволни сме од одзивот во текот на вчерашниот ден и сигурни сме дека до сабота вечер, додека е отворен повикот, дека ќе го имаме потребниот број на попишувачи“, вели Георгиева.

Инаку, првата фаза од пописот заврши. Во неа беа опфатени вработените од дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците.

Продолжува самопопишувањето на дијаспората, а според владината-прес служба процесот се одвива без проблеми. Портпаролите на Владата Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешна прес-конференција соопштија дека се отстранети пречките за попишување на дијаспората и дека се задоволни од од одзивот на самопопишаните граѓани. Тие наведоа дека пописот е неопходен за државата и дека се спроведува според методологија дефинирана според стандарди на ОН и на Евростат.

„Институциите имаат капацитет и гарантираат спроведување на пописот согласно сите здравствени протоколи во услови на пандемија и граѓаните ќе бидат заштитени“, изјави Арсовски.

Според информациите на Владата, до денеска попишани се над 82 илјади наши сограѓани од странство. Најмногу од Швајцарија – 26 илјади, Германија – 19 илјади и Италија со над десет илјади самопопишани граѓани.

Според, опозициската ВМРО-ДПМНЕ пописот ќе претставува ризик за здравјето на граѓаните, бидејќи треба да биде спроведен во услови на епидемија на Ковид-19. Партијата смета дека пописот треба да започне на есен откако ќе биде спроведена имунизација на населението. Тие упатуваат критики до премиерот Зоран Заев и владејачката партија СДСМ дека на ваков начин го „жртвува здравјето на народот.“

„Заев не успеа да набави вакцини, не се имунизирани ни лекарите во целост, а не пак попишувачите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.