Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека наскоро ќе разговара со десничарските политичари во Полска и во Италија, со цел да формира нова политичка сила во Европската унија (ЕУ).
Во интервју за унгарското радио, Орбан рече дека е во контакт со премиерот на Полска, Матеуш Моравиецки и со поранешниот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, чии партии се идеолошки блиски до Фидес - партијата на унгарскиот премиер.
„Полска, Италија и Унгарија ќе се обидат да ја реорганизираат европската десница, наскоро ќе разговараме и ќе планираме за иднината“, рече Орбан.
Изјавата на унгарскиот премиер доаѓа еден ден откако неговата партија објави дека официјално ја напушта Европската народна партија (ЕПП).
Многу членови на ЕПП претходно водеа кампања за отстранување на Фидес поради нејзините антиевропски ставови и потези кои беа оценети како кршење на основните европски вредности.
Фидес на почетокот на март се повлече од парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент, осудувајќи го усвојувањето на реформата на статутот на политичката група.
Измените и дополнувањата на овие внатрешни правила треба да овозможат суспензија или исклучување на целата национална делегација од парламентарната група на ЕПП, а не само на одделни членови.