Бугарија соопшти дека привела и обвинила шест лица осомничени за давање класифицирани информации на Русија.
Портпаролката на канцеларијата на јавниот обвинител, Сиика Милева, денеска изјави дека осомничените се дел од шпионска група предводена од „поранешен висок член на воено-разузнавачката служба на Министерството за одбрана“.
Лидерот на шпионската група регрутирал бугарски службеници кои имале пристап до класифицирани информации за Бугарија, НАТО и ЕУ, рече Милева. Таа додаде дека сопругата на лидерот на групата имала двојно руско-бугарско државјанство и „играла улога на посредник“ меѓу поранешен офицер и вработен во руската амбасада.
Таа рече дека ова е „прв пат во нашата понова историја“ да се открие ваков шпионски прстен.
Министерството за надворешни работи го поздрави откривањето на „новиот“ случај на шпионирање од кој „бенефит има Руската Федерација.“
Во последните неколку години односите меѓу Софија и Москва беа погодени од неколку шпионски скандали.
Од октомври 2019 година, земјата-членка на ЕУ и НАТО протера пет руски дипломати и вработени во руската амбасада обвинети за вршење на разузнавачка работа.
Последниот случај „е од особено значење за безбедноста на Бугарија, ЕУ, НАТО и САД“, според главниот обвинител Иван Гешев.
Министерството за одбрана соопшти дека меѓу приведените лица се и двајца припадници на бугарските вооружени сили.
Воениот обвинител Елин Алексов изјави дека шпионската група била активна подолго време, собирајќи технолошки и воени тајни.
Акцијата за приведување на осомничените започнала на 18 март на повеќе локации во Софија.
Истражителите рекоа дека полицијата извршила случајни проверки на автомобили кои го напуштале главниот град на автопатот Тракија, за да спречат да избега еден од осомничените.
Човекот наводно на крајот бил уапсен во близина на Руската амбасада, рече Милева.