Македонија е на третото место по „прекумерна смртност“ на 100 илјади жители затоа што во статистиката на починати од ковид-19 до крајот на 2020 година се регистрирани 2.490 луѓе, но бројот на починати е всушност 5.690 за периодот од 1 април до 31 декември 2020 година, објави британското списание „Економист“.
Според анализата на „Економист“, во овој временски период од ковид-19 починале 2.490 луѓе во земјава, но имало вкупно 5.690 смртни случаи, за кои не може да се каже од што настанале.
Според списанието, пред Македонија се Перу и Русија, а по Македонија следуваат Бугарија, Литванија, Мексико, Србија, Еквадор и Молдавија.
Македонија, како што завчера информираше министерот за здравство Венко Филипче, се наоѓа во трет бран на панедемијата со зголемено ширење на заразата со коронавирусот. Во Македонија е во сила полициски час од 22 часот до 5 наутро, а Комисијата за заразни болести и Владата на последниот состанок донеле одлука да нема заострување на рестриктивните мерки.