Лош почеток на првите директни американско- кинески разговори во ерата на Бајден

Американско- кинески разговори на Алјаска

Американски и кинески дипломати се судрија вчера на првите директни разговори откако Џо Бајден ја презеде претседателската функција во САД, уривајќи ги надежите на Вашингтон за знак на сменето однесување од Кина и шанса за брзо рестартирање на односите кои беа влошени за време на администрацијата на Трамп.

Воведните обраќања пред новинарите на состанокот во Енкориџ, Алјаска, кои обично траат неколку минути, траеја повеќе од еден час, а двете делегации меѓусебно ги критикуваа политиките на другиот.

Американскиот Државен секретар Ентони Блинкен го означи тонот на состанокот, велејќи дека Кина го загрозува поредокот заснован на правила кој ја одржува глобалната стабилност. Тој изрази длабока загриженост поради постапките на Кина против ујгурските муслимани.

Главниот дипломат на конеската Комунистичка партија, Јанг Џиечи, одговори луто, велејќи дека Кина цврсто е против мешањето на САД во нејзините внатрешни работи. Тој ги обвини САД дека неуспешно се справуваат со своите проблеми со човековите права.