Ракети истрелани од Сирија паднале кај турскиот град Килис

Министерството за одбрана на Турција синоќа соопшти дека ракети истрелани од Сирија паднале во близина на турскиот град Килис и дека нема повредени. Во соопштението се наведува дека притоа е предизвикана материјална штета.

„Руската Федерација беше известена за пукањето да биде запрено и ние веднаш одговоривме на огнот со одредени цели. Ги предупредивме нашите војници во регионот. Ги следиме натамошните случувања”, се вели во соопштението.

Килис е град на југот на Турција во близина на границата со Сирија.

Во март минатата година, Турција и Русија се согласија на протокол со кој се повикува на прекин на огнот во Идлиб, Сирија, а турски и руски сили, како гаранти на примирјето, заеднички спроведоа контролни патроли долж линијата на раздвојување.