Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“.
„Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Во меѓувреме, откако беа издадени наредбите, Министерството за внатрешни работи до обвинителството достави известување во врска со нивното постапување во случајот.
Обвинителството за Рашковски ја „префрла топката“ на МВР и Финансиска полиција
Станува збор за софтвер за кој поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски го набавил пред 8 месеци од фирмата „Инвока груп“. Ја платил 81 илјада евра со цел да се употребува во рамките на проектот „ Безбеден град“ на МВР. Но, оттаму претходно соопштија дека таквиот софтвер нити го користат, ниту планираат да го користат затоа што работат на нов проект за таа цел.