Извршната директорка на Европската медицинска агенција (ЕМА), Емер Кук соопшти дека вакцината на „АстраЗенека“ е безбедна и ефикасна. Кук соопшти дека комитетот донел одлука дека придобивките ги надминуваат сите можни ризици.
„Оваа вакцина е безбедна и ефективна и придобивките ги надминуваат ризиците, тоа е наш научен став. Свесни сме дека некои држави ја прекинаа имунизацијата со оваа вакцина, па моравме детаљно да ги проучиме сите докази. Кога се вакцинираат милиони луѓе, неизбежно е да има и тешки несакани ефекти и ние продолжуваме со нашата истрага. Денешниот заклучок овозможува да се продолжи со процесот на вакцинирање“, изјави шефицата на ЕМА, Емер Кук.
Вакцината не е поврзана со зголемување на вкупниот ризик од тромбоемболиски случаи или згрутчување на крвта, рече таа, но додаде дека ќе продолжат да анализираат. До ист заклучок дојде и Велика Британија, чии регулатори денеска објавија дека во земјата се откриени само пет случаи на тромбоза меѓу 11 милиони дадени дози. Кук ја повтори важноста на вакцинацијата во време кога илјадници луѓе умираат дневно од КОВИД-19 во Европа.
СЗО препорача да се продолжи со употреба на вакцините на Астра Зенека
Најмалку 13 земји-членки, вклучувајќи ги Германија, Франција и Италија, ја прекинаа употребата на оваа вакцина во очекување на резултатот од истрагата на Агенцијата. ЕМА претходно соопшти дека тие сè упте не утврдиле поврзаност помеѓу вакцините и згрутчувањата на крвта. Светската здравствена организација (СЗО) исто така соопшти дека врската не е докажана и дека луѓето не треба да паничат.
Повеќе од 45 милиони луѓе во Европската унија примија вакцини од различни производители од почетокот на вакцинацијата пред скоро три месеци. Вакцината на АстраЗенека, британско-шведски производител, беше одобрена во ЕУ на 30 јануари годинава.