Иницијативниот одбор за свикување на Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ го одложи конгресот закажан за 28 март во Скопје. Како што соопштуваат од Оборот, ваквата одлука е донесена заради влошената епидемиолошка состојба и доцнењето со техничките подготовки.
„Навремено ќе ги информираме делегатите и јавноста откако ќе се утврди новиот термин“, се наведува во краткото соопштение од Иницијативниот одбор.
Иницијативниот одбор претходно побара оставка на лидерот на партијата Христијан Мицкоски и избор на ново раководство преку вонредниот конгрес. Според членовите на Иницијативниот одбор, тие успеале да обезбедат поддршка од мнозинството делегати кои гласале на конгресот кога Христијан Мицкоски беше избран за претседател.
Иницијативен одбор во ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Мицкоски и вонреден конгрес
Од ВМРО-ДПМНЕ пак соопштија дека Централниот комитет на партијата за ваквата иницијатива заседавал уште пред неколку месеци и едногласно донел одлука таа да биде отфрлена. Официјалната одлука на ВМРО-ДПМНЕ е за одржување редовен конгрес на партијата на крајот на месец ноември.