Учебникот по географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба и од денеска нема да се користи во наставата, информираше денеска заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани.
Тој на денешната прес-конференција рече дека „решението на стручната Комисија за повлекување на спорниот учебник, денеска го потпишала министерката за образование и наука Мила Царовска“. Арафат Шабани појасни дека „учебникот е повлечен поради неточна содржина, а и навредлива за Албанците, и дека и во иднина од наставата ќе се отстрануваат учебници со несоодветна содржина“.
Шабани соопшти дека комисијата била составена од членови од повеќе образовни институции и професори по географија од Природно-математичкиот факултет во Скопје, а претседател бил од Институтот за географија. По повлекувањето на овој учебник, рече, средношколците ќе учат од дидактички материјали додека не се изработи нов, и посочи дека ќе има целосна реформа на учебникарството и се подготвува нов закон за учебници. Пропустите во учебниците, додаде Шабани, ќе бидат системски решавани со ревидирање на тие што имаат недостатоци.
- Ќе се отстрануваат „неправди“ од учебници за основно и средно
- Заев: Учебникот по географија ќе се менува од следната година
Комисијата која донесе одлука за повлекување на овој учебник, кој бил одобрен по наставна програма од 2002 година, констатирала дека учебникот по географија е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат на дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата, а исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование.