Лекарската комора бара дополнителни анти ковид мерки и протоколи

Лекарска комора на Македонија

Лекарската комора бара од Комисијата за заразни болести да воведе дополнителни рестриктивни мерки и протоколи поради брзото ширење на ковид-19, иако, како што велат во денешното нивно соопштение, се свесни за фактот дека тие мерки се непопуларни, но сепак потребни.

„Во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје, како здравствени професионалци, сметаме дека нивното воведување е повеќе од потребно. Само со холистички пристап и земање на сите фактори предвид и со промптна реакција на сите полиња можеме целосно да се избориме со вирусот“, стои во соопштението од Комората.

Оттаму се повикуваат, меѓу другото, и на негативните статистики за бројот на новозаразени.

Видете и ова: Зголемен број заболени од Ковид 19, мерките исти


„Само од први март, кога имало 8.369 регистрирани активни случаи, до денес оваа бројка е веќе искачена на 12.819 болни. Паралелно растат и бројките на пациенти кои поради сериозноста на здравствената состојба и компликациите предизвикани одковид-19 имаат потреба од болничко лекување. Капацитетите на болниците речиси се исполнети, секојдневно бараме дополнителен кревет за згрижување на тешко болните. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници, бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние кои се во самоизолација, а дополнително е и тоа што се соочуваме и со премореност, бидејќи епидемијата трае многу долго“, реагира Лекарската комора.

Министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата, д-р Жарко Караџовски вчера рекоа дека засега останува полицискиот час од 22 до 5 часот, и дека очекуваат резулатите од оваа мерка да се видат за 4-5 дена.