Меѓународна конференција за мировниот процес во Авганистан

Русија денеска е домаќин на конференција за унапредување на мировниот процес во Авганистан, со учество на високи делегации на Талибанците и на авганистанската влада, како и на САД, Пакистан и Кина.

Состанокот доаѓа еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека ќе биде тешко за САД да го испочитуваат рокот утврден со договорот меѓу Вашингтон и Талибанците за повлекување на американските сили до 1 мај. Овој договор беше потпишан лани, за време на последната година на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп. Бајден изјави дека не било „солидно преговарано“.

Талибанците, пак, соопштија дека датумот 1 мај утврден за повлекување на САД според договорот е нефлексибилен.

Мировните разговори меѓу Талибанците и авганистанската влада продолжија минатиот месец во Катар по повеќенеделното одлагање поради растечките насилства во земјата. Меѓутоа, разговорите свикани во септември 2020 година засега имаат забележено мал напредок.

Соединетите Држави го насочуваат вниманието кон состаноците меѓу клучните регионални земји, насочени кон притисок врз авганистанскиот претседател Ашраф Гани, талибанските бунтовници и други авганистански политички лидери да формираат привремена влада.