Д-р Караџовски: Ние направивме протокол, а дали ќе има попис е политичка одлука

Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски

Комисијата за заразни болести направи предлог протокол и тој протокол го дадовме до Министерство за здравство и до Државниот завод за статистика, a понатаму дали ќе се одржува пописот или не, на кој начин ќе се одржува, е политичка одлука, изјави денеска претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски.

Тој на денешната заедничка прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче, нагласи дека Комисијата не стои зад одлуките дали ќе се спроведува пописот или не.

„Предлог протоколот беше побаран и ние го направивме, понатаму државните институции ќе одлучат дали ќе има или ќе нема попис, на кој начин ќе се спроведува, а ние дадовме повеќе опции за спроведување на пописот“, рече Караџовски.

Видете и ова: Зголемен број заболени од Ковид 19, мерките исти


Тој, во однос на епидемиолошката состојба посочи дека се манифестира со зголем број на заразени, но дека се уште може да се менаџира. На денешниот состанок со Комисијата, како што соопшти министерот Филипче, било одлучено да не се воведуваат нови рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, туку дека ќе продолжи актуелниот полициски час „од кој се очекуваат резултати за 4-5 дена“.