Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ги повика МВР и Управата за финансиската полиција да преземат дејства за откривање на евентуални кривични дела во набавката на софтверот за контрола на брзината во сообраќајот, кој го набави Генералниот секретаријат во Владата за МВР, а не се користи. Од Управата за финансиска полиција во писмен одговор до РСЕ велат дека согласно со законите за кривичната постапка и финансиската полиција, дејствијата кои ги презема во предистражна постапка секогаш се вршат во координација со надлежен Јавен обвинител.
Оттаму додаваат дека будно ги следат настаните и информациите кои се пласираат во јавноста преку медиумите во сите сфери кои се поврзани со надлежноста на Управата.
„Доколку во определени случаи се оцени дека постојат основи на сомнение или основано сомнение за сторено кривично дело од надлежност на Управата, истата врз основа на добиена наредба од надлежен обвинител или по добиена Кривична пријава, како и по службена должност превзема дејствија за истражување и за истите дејствија го известува надлежниот Јавен обвинител, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа од Управата за финансиска полиција.
Обвинителството за Рашковски ја „префрла топката“ на МВР и Финансиска полиција
Во продолжение тие посочуваат дека сите преземени дејствија во предистражната постапка се тајни, поради што Управата за финансиска полиција не би можела да споделува информации кои се однесуваат на евентуални предистражни постапки.