СДСМ в недела ќе гласа за партиски лидер, Заев единствен кандидат

Зоран Заев на прес-конференција во СДСМ

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев на попладневната прес конференција во партиското седиште ги најави внатрепартиските непосредни избори за партиски претседател. В недела, на 21 март, членовите на партијата кои го ажурираа членството ќе може да гласаат за тоа кој да биде прв човек, а единствен кандидат кој се пријавил е актуелниот претседател Заев. Членството ќе има опција да заокружи за или против.

Заев најави нова политика која меѓудругото рече дека значела реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, ангажирање на сите можни капацитети во борба против корупцијата и криминалот, охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови. Инаку ако ја добие довербата ќе стане претседател на СДСМ по трет пат. Тој е на чело на партијата во два мандата досега од 2013 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оценија дека новите политики на Заев биле нов старт за стари практики.

„Нов криминал, нови тендери, нови местенки и стагнација за државата. И по Заев, Заев, значи дека ќе продолжи праксата на неказнивост и криминал. Продолжува злоупотребата на институциите, партизираноста на судството“, оценија од опозициската партија.