Основното училиште „Владо Тасевски“ во општина Карпош од денеска во целост има онлајн-настава поради тоа што со Ковид19 се заразени десетина наставници, како и ученици до трето одделение кои, според здравствените протоколи, наставата ја следат со физичко присуство.
Од Општина Карпош за МИА потврдија дека настава на далечина ќе се следи затоа што има зголемен број позитивни на вирусот – десет возрасни од наставниот и од стручниот кадар, како и повеќе деца. Најверојатно училиштето ќе биде затворено две недели односно ќе се следат протоколите од Комисијата за заштита од заразни болести и насоките од Министерството за образование и наука.
Ова е прво целосно затворање на основно училиште во Карпош во оваа учебна година поради коронавирусот. Од Општината велат дека во останатите девет основни училишта на територија на Карпош состојбата со вирусот не е алармантна и наставата продолжува да се одвива со физичко присуство за помалите ученици и онлајн во погорните одделенија.