Европската агенција за лекови- да се продолжи со користењето на вакцината на Астра Зенека

Директорката на Европската агенција за лекови Емер Кук на прес конференција, 16.03.2020

Европската агенција за лекови ЕМА смета дека вакцината на АстраЗенека е корисна за Ковид19. Емер Кук, директорка на агенцијата, рече дека експертите продолжуваат со студиите за можните несакани појави кои се однесуваат на поврзаноста на вакцината и згрутчувањето на крвта.

“Нашиот став е дека користа од вакцината на АстраЗенека и понатаму е поголема од ризиците“, рече Кук на вонредната прес конференција по кризата до која дојде со оваа вакцина.

Речиси половина од членките на Европската унија го сопреа користењето на АстраЗенека по извештаите дека се појавиле случаи на згрутчување на крвта кај луѓе што ја примиле оваа вакцина. Според податоците на компанијата Астра Зенека, пак, од 17 милиони луѓе кои ја примиле нивната вакцина во Европа кај 37 лица се јавило згрутчување на крвта.