Министерот за здравство Венко Филипче денеска донел решение за формирање Комисија за вршење на надзор на стручната работа на Јавната здравствена установа, општа болница Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката Ј.В, информираа попладнево од Министерството за здравство.
„Комисијата која е составена по барање на министерот има пет члена и има задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката. За извршениот надзор Комисијата во рок од 8 дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа треба да достави извештај до Министерството за здравство“, информираат од министерството.
Родилката од Дебар Јилдиз Веапоска остана без матка, бубрег и еден јајник при породување со царски рез во август лани кај гинекогот, доктор Мухамед Асани. Откако состојбата и станала критична ја префрлиле на скопските клиники, а кога се разбудила од кома дознала дека и се извадени органите.
Лекарската комора не пронајде грешка во постапувањето на лекарот кој е и директор на болницата во Струга, а Веаповска против него поднесе кривична пријава во струшкото обвинителство.