Македонскиот премиер Зоран Заев, кој денеска е во посета на Луксембруг, во интервју за луксембршкиот весник „Ворт“ вели дека ветото на Бугарија за почетокот на преговорите со ЕУ бил неблагодарен гест, но дека Владата е посветена на европеизација на земјата.
Навраќајќи се на досегашните пречки на Македонија на патот во ЕУ, па се до бугарското вето, новинарот го прашува Заев дали тоа може да има негативни последици врз поддршката на граѓаните за ЕУ, пренесе МИА.
„Точно, неблагодарно е што нашиот сосед, Бугарија, стави ново вето за нас во декември 2020. Главната е цел да се решат историските разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија. Морам да кажам дека со вакво однесување ЕУ никогаш нема да постои, Европејците гледаа кон иднината, не минатото“, вели Заев во интервјуто и додава дека и во овој случај со Македонија и Бугарија „треба да се стори истото“.
Заев вели дека е убеден оти може да се најде решение, но дека треба и остатокот од Унијата да помогне и дека „треба да докаже дека ги почитува вредностите на ЕУ и дека историските спорови не смеат да бидат пречка за иднината на земјата“.
Во интервјуто Заев вели дека Македонија се разочарала од ЕУ и со набавката на вакцини против ковид-19, но дека „им било кажано дека во овој момент е невозможно за Унијата да ги сподели вакцините“, пренесе МИА.
Премиерот денеска во посета на Луксембург каде лобира за поддршка за формалното отворање на преговори со ЕУ и надминување на ветото на Бугарија.