Гринпис: Прекумерно загадено во три четвртини од државите во светот

Илустрација

Во три четвртини од земјите во 2020 година е забележано прекумерно загадување и покрај значителното ограничување на изворите на загадувачи поради пандемијата, се вели во извештајот на еколошката организација Гринпис. Извештајот за квалитетот на воздухот, составен од Гринпис и IQAir AirVisual, ги анализира податоците за загадувањето на воздухот собрани во десетици илјади набудувачки центри.

Извештајот ја мери концентрацијата на ПМ 2,5 микрочестички, мали честички во воздухот со дијаметар од 2,5 микрони, кои се особено штетни за здравјето на луѓето. Од 106 земји со достапни податоци, само 24 ги исполнија стандардите на Светската здравствена организација (СЗО) кога станува збор за ПМ 2,5. Овие честички влегуваат во крвотокот преку белите дробови и се причина за астма, рак на белите дробови или срцеви заболувања.