Поради пандемијата со ковид-19, Србија ќе биде „затворена“ до крајот на неделава, вклучително и за време на викендот, одлучи српскиот Кризен штаб. Покрај продавниците за храна, бензинските пумпи и аптеките, ќе работат и банките и производствените капацитети. Други објекти, како што се кафулиња, ресторани, спортски сали... ќе бидат затворени.
„Ова е првенствено поддршка за нашите здравствени работници и целиот здравствен сектор. Ова е компромисно решение затоа што мерките се општи, но во моментот тие се на сила пет дена, иако медицинскиот дел бараше најмалку 14 дена. Дали ќе има продолжување во понеделник зависи повторно од сите нас. Апелирам за максимална дисциплина и разбирање на состојбите во нашиот здравствен сектор“, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.
Таа најави дека ќе се разговара со сите од економскиот сектор кои трпат последици поради пандемијата за мерки за помош за нив, како и дека вчера разговарале со српскиот претседател Александар Вучиќ, за тоа како тие мерки ќе влијаат на економијата и младите.