Расте листата на земји кои привремено престанаа да ја користат вакцината на АстраЗенека

Германија, Франција и Италија се придружија на листата на земји кои ја прекина употребата на вакцината против коронавирусот на АстраЗенека, како мерка на претпазливост. Причината за тоа е зголемениот страв во јавноста дека може да предизвика проблеми со крвта, откако за ова дебатираа експерти од Светската здравствена организација.

Дел од светските медиуми јавуваат дека на оваа листа ќе се најде наскоро и Шпанија, повикувајќи се на извори од Мадрид, кои тврдат дека таа мерка ќе биде во сила 15 дена.

Прекинот на употреба на оваа вакцина доаѓа во време кога во Италија се воспоставува повторно затворање поради обидот да се спречи повторно ширење на короновирусот во една од досега најпогодените европски земји од ковид-19.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека чека препораки од Европската агенција за лекови.

„Одлуката е донесена, да се суспендира употребата на вакцината АстраЗенека како мерка на претпазливост, надевајќи се дека наскоро ќе можеме да продолжиме со употребата, ако тоа го дозволи Европската агенција за лекови“, изјави Макрон.

Холандија привремено престана да ја користи вакцината на АстраЗенека

Европската агенција за лекови соопшти дека на 18 март ќе одржи посебен состанок на кој ќе одлучува за „понатамошните активности“ во врска со вакцината развиена во соработка со Универзитетот Оксфорд и британско-шведскиот производител на лекови „АстраЗенека“ додавајќи дека придобивките од употребата на вакцината сепак ги надминува можните ризици.