Жосеп Борел, високиот претставник за надворешна политика на Европската унија (ЕУ) го дели ставот на деветте земји членки на Унијата кои на петти март годинава преку писмо до него побараа да се врати западниот Балкан на агендата на ЕУ во април откако во декември лани беа блокирани заклучоците поради спорот меѓу Скопје и Софија, јави МИА од Брисел.
Во декември за прв пат во историјата ЕУ ја заврши годината без никакви заклучоци за западниот Балкан, поради неможноста да се изнајде компромис со Бугарија околу речникот поврзан за „толкувањето на историјата“. Од декември до денеска Западен Балкан е целосно отсутен од дискусиите во Брисел. Девет земји членки, Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија, на петти март испратија писмо до Борел, со барање на следниот министерски совет за надворешни работи на ЕУ во април регионот да се врати на дневниот ред.
„ЕУ и западниот Балкан се приоритет за Европската Унија, ЕУ е главниот политички, економски и трговски партнер на регионот, чија иднина јасно се наоѓа во ЕУ. Високиот претставник го дели ставот изразен во писмото на министрите за надворешни работи по ова прашање“, стои во одговорот на кабинетот на Борел до МИА.
- Вархеји: Албанија ги исполнува условите, Македонија и Бугарија да најдат решение
- Заев на ЕУ форумот во Тирана: 16 години чекаме, исполнуваме услови, за идентитетот и јазикот не преговараме
Оттаму додаваат дека шефот на дипломатијата е подготвен за разговори со земјите членки на ЕУ на тема Западен Балкан. Априлскиот министерски совет за надворешни работи на ЕУ е предвиден на 19 април, што ќе биде и после изборите во Бугарија, отворајќи можност да се врати регионот во фокусот на ЕУ.