Бројот на наши попишани граѓани од дијаспората надмина 60 илјади. На прво место е Швјацарија со околу 16 илјади, што е една четвртина од очекуваните бројки, потоа следат Германија со 10 илјади, Италија со шест илјади, додека во Канада и Австралија имаме далеку послаби резултати, за што како одговорно Министерство преземаме дополнителни активности и повикуваме што поголем број да се охрабрат и одвојат неколку минути за овој процес, изјави денеска на прес-конференција Министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Попишувањето на нашите дипломати и членови на конзуларни претставништва е успешно завршено денеска, а продолжува попишувањето на дијаспората, што ќе трае се до 22 април.
„Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правилно мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во страство, што е важно за да имаме основа за носење развојни политики врз прецизни податоци, кои ќе бидат од директно значење за нашата дијаспора“, изјави Османи.